Во современи услови обележани со војни, геополитички премостувања, нарушени синџири на снабдување и ценовни шокови, малите и средни претпријатија (МСП) стануваат клучен столб на отпорноста на националните економии.
Нивната флексибилност, брза адаптација и силна поврзаност со локалните пазари им овозможуваат да ја амортизираат економската неизвесност и да обезбедат континуитет во вработувањето, производството и снабдувањето со основни добра. Во време кога глобалните кризи сè почесто се прелеваат во домашните економии, улогата на МСП дополнително се зголемува како двигател на стабилноста, иновациите и социјалната кохезија.
Малите и средни претпријатија претставуваат вистински ’рбет на економијата во речиси сите земји во светот. Тие создаваат најголем дел од новите работни места, поттикнуваат иновации и ја зголемуваат конкурентноста на пазарот. Благодарение на нивната флексибилност и блискост до локалните заедници, овие претпријатија брзо се приспособуваат на економските промени и придонесуваат за рамномерен регионален развој. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава.
На глобално ниво, под водство на организации како Светска банка и Организација за економска соработка и развој, се спроведуваат бројни програми за поддршка на МСП. Најчесто, овие програми вклучуваат олеснет пристап до финансирање, дигитална трансформација, зелена транзиција и јакнење на претприемачките вештини. Во многу земји се воведуваат и даночни олеснувања, стартап фондови и инкубатори за поддршка на мали бизниси.
Во Република С. Македонија, малите и средни претпријатија учествуваат со доминантен удел во вкупниот број компании и вработувања. Државата презема мерки преку институции како Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република С. Македонија, Фондот за иновации и технолошки развој и програмите за активни мерки за вработување. Се обезбедуваат грантови, поволни кредити, обуки за дигитализација и поддршка за извозна конкурентност.
И покрај напредокот, сè уште постојат предизвици како ограничен пристап до капитал, недостиг на квалификувана работна сила и административни бариери. Затоа, континуираната поддршка и партнерството меѓу државата, бизнис-заедницата и меѓународните организации остануваат клучни за понатамошен раст и развој на малите и средни претпријатија.
Во оваа насока, на почетокот на годинава, Министерството за економија и труд ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030. Содржината претставува стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република С. Македонија во наредните години.
Со оваа стратегија се предвидуваат мерки за поедноставување на регулативите, подобрување на пристапот до финансии и силна поддршка за зелената и дигиталната транзиција, со цел зголемување на конкурентноста и извозниот потенцијал на малите и средни претпријатија. Овој документ е изработен преку инклузивен процес и е целосно усогласен со политиките на Европската Унија и директно ја подготвува нашата економија за интеграција во единствениот европски пазар.
Конкретно, кога е во прашање пристапот до финансирање за малите и средни претпријатија во Република С. Македонија, гледано преку понудата на кредити од банките, како и предизвиците со кои се соочуваат домашните банки во процесот на кредитирање на овој сектор, направено e истражување (2019 година) од страна на врвни домашни експерти.
Резултатите од ова анкетно истражување спроведено кај банките, укажуваат дека „пазарот за кредитирање на малите и средни претпријатија е голем, конкурентен, не многу заситен, но со многу позитивни изгледи“. Во истражувањето се констатира дека главниот двигател за поголемо вклучување на банките во понудата на кредити за малите и средни претпријатија е профитабилноста и добрата перспектива на овој сектор.
Истовремено, резултатите од истражувањето посочуваат на присуство на одредени фактори поврзани со малите и средни претпријатија (слаб квалитет на финансиски извештаи, недостаток на соодветно обезбедување), коишто го отежнуваат процесот на кредитирање на овој сектор преку банкарскиот сектор.
Генерален заклучок е дека пристапот до финансирање за малите и средни претпријатија преку банките е потребно и натаму да се подобрува, со што ќе се зголеми и нивниот придонес во поддршката на растот на економијата.





