Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не претставува каприц, туку барање за социјална нормалност, истакна пратеникот на СДСМ, пратеникот Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Според него, без оваа законска интервенција, социјалната нормалност може да остане само политичка привилегија. „Кога зборуваме за минимална плата од 600 евра, не бараме државата да остане пасивен набљудувач и економијата да се движи по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да ја преземе својата одговорност“, рече пратеникот Битиќи.
Тој остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и недостатокот на вистински социјален дијалог околу минималната плата. Пратеникот Битиќи предупреди дека растот на трошоците директно ја намалува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни пратеникот Битиќи.
Тој нагласи дека наместо да ја преземе одговорноста, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со низа институционални слабости кои го доведуваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекции на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзина страна нема простор за достоинствени плати“, рече пратеникот на СДСМ.
Во врска со социјалниот дијалог, пратеникот Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече.
Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи пратеникот Фатмир Битиќи.






