Стабилен денар, неизвесен свет: Што носат курсните движења во 2026?

Во 2026 година, движењата на курсот меѓу еврото и американскиот долар повторно се во фокусот на глобалните финансиски пазари. Геополитичките тензии, цените на енергенсите и различните монетарни политики на централните банки создаваат зголемена неизвесност, која индиректно се прелева и во економиите како македонската.

Во почетокот на март 2026 година, односот на еврото и доларот во Македонија се карактеризира со стабилност на денарот во однос на еврото и одредени осцилации кај доларот поради глобалните економски и геополитички влијанија.


„Народната банка внимателно ги следи сите поместувања поврзани со конфликтот на Блискиот Исток и е подготвена да реагира со соодветни инструменти доколку се појават поизразени и подолготрајни ефекти врз домашната економија“, истакна вицегувернерката Ана Митреска во ТВ-интервју.


Од Народна банка појаснуваат дека засега, најверојатните сценарија се умерени, со оцени за побрзо смирување на воените операции, ограничени ефекти врз снабдувањето и цените на енергентите и помали економски последици. Доколку дојде до ескалација и ако се покаже дека ефектите од конфликтот се подолготрајни, со посилни притисоци врз инфлацијата и девизните резерви, централната банка има простор да реагира со повеќе инструменти за стабилизација што ѝ стојат на располагање.

Експертите појаснуваат дека каналите преку коишто може да се пренесе растот на светските цени на енергентите и кај нас се директни и индиректни. Директните се однесуваат на пренесувањето на овој раст директно врз домашните цени, како и врз вкупниот увоз. 

Индиректните ефекти би ги почувствувале преку промените на економските изгледи на нашите трговски партнери, односно земјите од Европската Унија. Досегашните оцени за последиците од конфликтот за европската економија посочуваат на ограничени ефекти врз инфлацијата и растот или, со други зборови, нема очекувања за некои големи промени во надворешното опкружување за домашната економија.

„Народната банка постојано ги следи состојбите и можните ефекти врз македонската економија. Во изминатите години, напоредно со справувањето со кризите, градевме дополнителен простор и капацитет за ублажување на можните нови шокови. Девизните резерви во моментов се околу 70% над нивото пред пандемијата, а отпорноста на банкарскиот систем, според сите параметри, дополнително зајакна во изминативе неколку години. Оттука, нема дилема околу континуитетот во одржувањето на стабилноста на девизниот курс и на вкупната макроекономска стабилност“, порача вицегувернерката Митреска.    

Од друга страна, најновите глобални трендови, најблаго кажано, се неизвесни и турбулентни. Последните анализи покажуваат дека доларот се зацврстува, додека еврото е под притисок поради растот на енергетските цени и геополитичките ризици. Еврото неодамна се движеше околу 1,16 долари—најниско ниво во неколку месеци.

Од поширока перспектива, аналитичарите очекуваат курсот EUR/USD во 2026 година да се движи во просек околу 1,20–1,22, но со повисока волатилност (распон и брзина на движење на цените).

Во ретроспектива, во текот на 2025 година, еврото се стабилизираше во опсег 1,14–1,18, што покажува дека пазарите се чувствителни на каматните стапки и инфлацијата.

Што значи тоа за Македонија ?

За разлика од многу земји, ефектот кај Македонија е специфичен. Денарот е фиксиран за еврото со стабилен курс уште од 2002 година, што значи дека директните флуктуации евро–денар се минимални.

Според најновите податоци од 2026 година за курост на валутите (1 евро ≈ 61,7 денари и 1 долар ≈ 52,1 денари) значи дека стабилноста на еврото директно ја штити македонската валута, но промените евро–долар индиректно влијаат преку увозот, цените и доларските долгови


Клучни ефекти врз домашната економија
1. Увозни цени и инфлација

Македонија увезува значителен дел од енергенсите и суровините во долари. Кога доларот јакне, увозот поскапува. Иако инфлацијата кај нас се намали на околу 3,2% во јануари 2026 г., цените на храната и енергијата остануваат чувствителни на курсни движења.

2. Надворешен долг

Дел од државниот и корпоративниот долг е во долари. Посилен долар значи повисоки трошоци за сервисирање.

3. Извозна конкурентност

Бидејќи денарот е врзан за еврото, македонските извозници ја делат судбината на еврозоната.

4. Девизни резерви и финансиска стабилност

Фиксниот курс кон еврото обезбедува монетарна стабилност, но бара внимателно управување со девизните резерви, особено во време на глобални шокови.

 Што да се очекува во 2026? 

Економистите очекуваат 2026 да биде година на:

  • умерена, но нестабилна динамика евро–долар
  • силно влијание на геополитиката и енергенсите
  • внимателна политика на централните банки

 

За Македонија, клучната порака е дека директниот курс евро–денар е стабилен, но индиректните ефекти преку доларот и глобалните цени остануваат значаен ризик. Иако фиксниот курс кон еврото ја штити македонската економија од нагли валутни шокови, глобалните движења меѓу еврото и доларот и понатаму силно се прелеваат преку цените на енергенсите, храната и надворешниот долг. 

Во услови на геополитичка неизвесност во 2026 година, внимателната макроекономска политика останува клучна за зачувување на ценовната и финансиската стабилност.

Согласно усвоената монетарна стратегија, Народна банка го одржува девизниот курс на денарот во однос еврото на стабилно ниво, додека девизните курсеви на денарот во однос на останатите валути се формираат врз основа на нивните курсеви во однос на еврото на меѓународните девизни пазари. Тоа значи дека вредноста на денарот во однос на другите валути целосно го следи движењето на вредноста на еврото во однос на САД-доларот, британската фунта, швајцарскиот франк и другите валути.

Поврзани вести

Препорачано