Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за финансии на Република Словачка, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум меѓу двете земји. На форумот присуствуваа голем број домашни и словачки компании.

„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.

Министерот Муцунски, во своето обраќање истакна дека форумот е доказ за тесната политичка соработка меѓу двете држави, како и за заедничката уверување во можностите што ги нуди економското партнерство.

„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува јасен знак на доверба.

Тој ги истакна потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот, нагласувајќи дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање. Дополнително, нагласи дека континуираното усогласување со европското законодавство обезбедува транспарентност и правна сигурност.

Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилската индустрија, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.

Потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO создаде дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.

Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.

Форумот претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и отворање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст, во интерес на двете држави.

Поврзани вести

Препорачано