Lidl официјално ја започна изградбата на уште еден маркет во земјава, со свечена церемонија на поставување камен-темелник. Овој продажен објект е прв маркет на Lidl лоциран во општината на Гевгелија, како дел од долгорочниот инвестициски план на компанијата во Македонија.
Маркетот во Гевгелија ќе се простира на површина од 2.356 квадратни метри, од кои 1.507 квадратни метри ќе бидат наменети за продажен простор. Поголема удобност и практичност при пазарењето, ќе овозможат и планираните 130 паркинг места.
Lidl ја потврдува својата посветеност на инвестирање во современи малопродажни објекти изградени според највисоки стандарди. Со реализацијата на овој проект, компанијата остава препознатлив белег на сите пазари, обезбедува пријатно корисничко искуство и нуди внимателно селектиран асортиман, со оптимален баланс помеѓу висок квалитет и поволни цени.
Гоце Гаврилов, директор за недвижности во Lidl Северна Македонија, истакна дека инвестицијата во Гевгелија ја потврдува довербата на компанијата во потенцијалот на македонскиот пазар и економијата.
„Продолжуваме со нашата стратегија за проширување на продажната мрежа и долгорочно инвестирање во земјата. Со започнувањето на изградбата на маркетот во Гевгелија, целта ни е да создадеме продажни места кои се пространи, светли и современи, со модерен дизајн, користење еколошки материјали и фокус на енергетска ефикасност. Сето ова ќе овозможи удобно искуство за потрошувачите и квалитетна работна средина за нашите вработени“, нагласи Гаврилов.
Тој истакна дека секоја нова инвестиција на Lidl има пошироко економско и општествено значење за локалната заедница и националната економија, преку создавање нови работни места и соработка со домашните производители. Во таа насока, тој нагласи дека компанијата е особено горда што во 2025 година преку продажната мрежа на Lidl е остварен извоз на македонски производи во вредност од 15,5 милиони евра.
Гаврилов додаде дека компанијата остварува одлична соработка со институциите на локално и централно ниво, која се надева дека ќе продолжи и во иднина. Тој им се заблагодари на градоначалникот Сарамандов и на Советот на општината за досегашната конструктивна соработка, како и на тимот на компанијата и на нејзините партнери вклучени во реализацијата на овој проект.
Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека оваа инвестиција претставува значаен чекор за развојот и унапредувањето на потенцијалот на општината.
„Гевгелија е меѓу првите градови во кои започнува изградбата на маркет на Lidl, инвестиција која дополнително ја зголемува атрактивноста на нашата општина. Таа ќе придонесе за отворање нови работни места, зајакнување на локалната економија и збогатување на понудата за потрошувачите. Убеден сум дека соработката со Lidl ќе продолжи успешно и во иднина“, изјави градоначалникот Сарамандов.
Lidl е еден од водечките трговци со прехранбени производи во Европа и е дел од групацијата Schwarz, со седиште во Некарсулм, Германија. Компанијата управува со околу 12.600 маркети и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 држава, со над 382.000 вработени.



