Рата за стан или кирија: Колку навистина чини домување во Скопје?

За претходните генерации, купувањето свој стан беше очекуван животен чекор, нешто што беше нормално и достижно. За денешната генерација, тоа станува неизвесна цел а за многумина и недостижен сон.

Во време кога работата повеќе не гарантира стабилност, а цените на недвижностите продолжуваат да растат, „сопствен дом“, од основна потреба, сè повеќе се претвора во економски предизвик. Ако не може да купите стан а сакате да живеете самостојно, тогаш нема друга алтернатива освен да земете стан под кирија. Но, што е поисплатливо? 

Дали Скопје стана луксузно место за живеење за обичниот, просечниот народ?
Пазарот на недвижности во Скопје последниве години бележи постојан раст на цените на становите, но и на кириите. Многу граѓани се соочуваат со дилемата – дали е подобро да се плаќа кирија или да се земе станбен кредит и да се инвестира во сопствен дом. За да се одговори на ова прашање, потребно е да се разгледаат актуелните цени и опциите што ги нуди пазарот.

Колку чинат становите во Скопје?

Цената на становите во главниот град значително варира во зависност од локацијата, староста на објектот и квалитетот на градбата. Во централните делови како Центар, Карпош или Водно, цените се највисоки.

Просечната цена на квадратен метар во Скопје е околу 1.600–1.700 евра, додека во атрактивни локации може да достигне и 2.000 евра или повеќе (па до 2500 евра) по квадрат. Во некои луксузни згради во центарот, цената може да достигне и околу 3.000 евра по квадратен метар, што ја нагласува динамичноста на пазарот.  

На пример, стан од 50 м² може да чини околу 50.000 евра во периферни делови на градот или постари згради, но може и да чини над 100.000 евра во нова зграда на атрактивна локација.

Доколку ваков стан се купи со станбен кредит на 20–25 години, месечната рата често е во рамките од 300 до 450 евра, зависно од каматата и учеството.

Колку чини кирија во Скопје?

Поради зголемената побарувачка, последниве години и кириите бележат пораст. Во многу случаи е тешко да се најде стан за помалку од 300 евра месечно.

Просечните цени за изнајмување стан во Скопје се:

  • гарсониера: околу 250–300 евра
  • еднособен стан: 300–450 евра
  • двособен стан: 400–600 евра

Во популарни населби како Центар и Карпош, киријата за еднособен стан често се движи од 350 до 450 евра месечно, додека во Аеродром или Кисела Вода може да се најде и за 250–350 евра.

Споредба: кредит или кирија

Ако се споредат месечните трошоци, во многу случаи, ратата за станбен кредит е приближно иста како и киријата за сличен стан. Разликата е во тоа што, на пример, кога сте под кирија, немате долгогодишна обврска кон банка (немате долгорочен кредит), имате поголема флексибилност за преселба, нема трошоци за одржување или реновирање.

Од друга страна пак, предностите на станбениот кредит се во насока дека со секоја исплатена рата, вие пополека станувате сопственик на станот. Ова значи дека недвижноста може да добие вредност со текот на времето а по отплата на кредитот нема месечен трошок за домување, а имате свој стан.  

Според анализите на пазарот, односот меѓу цена на стан и кирија во Скопје е околу 15–17 години, што значи дека толку време е потребно киријата да ја достигне вредноста на станот.

Што е поисплатливо?

Одговорот на ова прашање зависи од плановите и финансиската стабилност на купувачот. Ако некој планира да живее во Скопје долгорочно (10–20 години), купувањето стан со кредит најчесто е поисплатливо. Ако планот е привремено живеење или честa промена на локација, киријата нуди поголема флексибилност и помал финансиски ризик.


Иако цените на недвижностите во Скопје растат, месечната рата за станбен кредит често е слична на цената на киријата. Токму од оваа причина, многумина граѓани се одлучуваат за купување стан, особено ако планираат да останат во градот подолг период. Сепак, одлуката секогаш треба да се базира на личните приходи, стабилноста на работата и долгорочните планови.

Поврзани вести

Препорачано