Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми

Аеродромот во главниот град на Северна Македонија ја доби наградата ASQ по 11-ти пат. Ова престижно признание се базира исклучиво на повратните информации од патниците, собрани преку анкетата ASQ што тие ја пополнуваат додека чекаат за качување на авион.

Меѓународниот Аеродром Скопје, кој го управува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП, и оваа година ја освои наградата за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025 година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“, доделена од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI).

Наградата, која скопскиот аеродром ја добива по 11-ти пат, е уште едно признание од патниците за нивното задоволство од квалитетот на аеродромските услуги. Анкетите ги мереа клучните индикатори, како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, ориентацијата низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ објектот.

Наградата, која се базира на оценките од патниците, покажува дека Меѓународниот Аеродром Скопје ги исполнува нивните очекувања и обезбедува извонредно корисничко искуство. Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. 

„Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата Најпријатно аеродромско искуство во Европа од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија. Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.

Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасноста, сигурноста и патничкото искуство.

Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:

„Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници“.

Меѓународниот Аеродром Скопје припаѓа на ASQ панел од 20 аеродроми во категоријата европски аеродроми со годишен промет од 2 до 5 милиони патници. Покрај скопскиот аеродром, во овој панел се и аеродроми од Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија, како и два други аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми – аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.

Досега, Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата за „Најдобар аеродром во Европа“ за аеродроми со големина до 2 милиони патници во 2012, 2013, 2015 и 2018 година. Порастот на бројот на патници овозможи аеродромот од 2019 до 2024 година да се натпреварува во категоријата од 2 до 5 милиони патници годишно, каде повторно ја освои престижната ASQ награда за секоја од овие години.

Поврзани вести

Препорачано