Зголемување на прагот за ДДВ-обврзници и зголемување на повратот преку „Мој ДДВ“, предлага Левица

Пратеничката група на Левица најави поднесување измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше денеска пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.

Предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите, појасни тој.

Дополнително, предлогот предвидува зголемување на прагот за задолжителна регистрација како ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите компании.

„Со оваа мерка целиме да го растеретиме даночниот товар, кој во моментот е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци, како за УЈП, така и за малите субјекти, често ги надминуваат самите даночни обврски. 

Овој пакет отвора суштинско прашање: кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна – прогресивен и праведен даночен систем. Затоа, во иднина ќе предложиме и други мерки од овој тип за постигнување на таа цел“, изјави пратеникот Исмаил – Хактан.

Ретроспективно, програмата Мој ДДВ беше широко прифатена од македонските граѓани коишто ја проценија како добра алатка за поврат на дел од сопствените даноци коишто ги плаќаат на државата.

Дополнително, добар дел од граѓаните се незадоволни од нискиот праг на поврат на ДДВ, сметајќи дека заслужуваат многу повисок износ, имајќи предвид дека се прави голем обрт на средства на месечно ниво.

Од друга страна, пред извесен период се појавија шпекулации во јавноста дека програмата Мој ДДВ ќе се укине, на што експресно реагираа од Министерството за финансии дека таква иницијатива не постои.

Поврзани вести

Препорачано