Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народна банка

Од 1 март 2026 г.,  Народната банка ја информира јавноста дека стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентификација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. 

Засилената автентификација има за цел да обезбеди повисоко ниво на заштита на паричните средства на граѓаните и компаниите во банките. Ова ќе биде спроведено преку примена на дополнителни безбедносни проверки за потврда на идентитетот на корисникот при извршување плаќања, без негово физичко присуство.

Поради брзината и практичноста на онлајн купопродажбите, граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема секојдневна потреба од нив. Поради тоа, се наметнува потребата од повисока безбедност. Со оглед на тоа што дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од платежните картички стануваат сѐ почести, се воведуваат дополнителни механизми за проверка на идентитетот на лицето што го врши плаќањето, информираат од Народна банка.

При извршување плаќања преку интернет, покрај внесувањето на податоците од платежната картичка, клиентите им овозможуваат на банките да извршат и дополнителна потврда на трансакцијата. Оваа потврда се реализира преку официјалната мобилна апликација на банката, инсталирана на мобилен уред, која овозможува сигурен пристап до сметките и безбедно одобрување на плаќањата. 

Клиентот ќе добива известување преку мобилната банкарска апликација, преку која ќе треба да ја потврди трансакцијата, наместо досегашната практика на потврда преку СМС-код. 

Потврдата се врши со внесување ПИН за апликацијата или со користење биометриски методи, како што се отпечаток од прст или препознавање на лице. Без ваква дополнителна потврда, трансакцијата нема да може да биде реализирана, дури и во случај кога трето лице располага со податоците од платежната картичка.

Како законска обврска за давателите на платежни услуги, од Законот за платежни услуги и платни системи произлегува засилената автентификација. Нејзината примена во земјава се воведува постепено и веќе се применува при онлајн пристапот на клиентите до нивните платежни сметки, како и при извршување плаќања со платежни картички на физички продажни места или платни налози реализирани преку електронско и мобилно банкарство.

Од 1 март 2026 година, со воведувањето на засилената автентификација, при извршувањето на интернет-плаќањата се комплетира процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија во делот на безбедното извршување на онлајн плаќањата.

Со оваа промена во дигиталните начини на плаќање, дополнително се унапредува заштитата на корисниците и се зајакнува довербата, се наведува во соопштението на Народна банка.

Поврзани вести

Препорачано