„Задоволство е да се забележи прогрес и да се видат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, а државата обезбедува навремена логистика и средства, вклучително и за експропријацијата. Очекуваме ова темпо да продолжи, со цел до крајот на 2029 година да можеме да возиме по овој автопат“, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Денеска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на должноста во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП, Коце Трајановски и Николоски извршија увид во тековната изградба на автопатот Гостивар – Букојчани.
„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот којшто оди од Гостивар до Букојчани, којшто од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат којшто оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.
Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90%, што претставува значителен успех, а навременото финансирање директно овозможува и навремена реализација на проектот. Дополнително, како што потенцира, градежниот сектор бележи историски раст од 21%.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас.
Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, досега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така, целата логистика ја обезбедува државата, така што останува компаниите да си ја завршат работата.
Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет но и следните генерации да можат да учат на конкретни и живи проекти” истакна Николоски.
Тој упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за поддршката во реализацијата на овој проект и најави дека ќе се одржи силната динамика, со цел автопатот да биде завршен до крајот на 2029 година без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар, како и од Прилеп до Битола.






