Како да инвестирате 1.000 евра во Македонија: депозити, акции или криптовалути?

Инвестирањето на заштедените средства е важен чекор за финансиска стабилност и раст на личниот капитал. Во Македонија, најчесто користени форми на инвестиција за мали инвеститори се банкарските депозити, купување акции (на берза) и криптовалутите. Секоја од овие инвестиции има различен степен на ризик, очекуван принос и временски хоризонт.

Во оваа анализа ќе се разгледа како би изгледало инвестирање од 1.000 евра во Македонија, како и кои се потенцијалните добивки, ризиците и која опција е најсоодветна за различни типови инвеститори.

1. Банкарски депозит

Банкарскиот депозит е најтрадиционалната форма на штедење. Инвеститорот ги депонира средствата во банка на одреден период (6, 12 или 24 месеци) и добива камата. Во Македонија, просечната каматна стапка на депозитите е околу 2.21% годишно, според податоци на Народна банка. Некои банки нудат и повисоки камати за орочени депозити, кои можат да достигнат 3–4% годишно во одредени промотивни понуди.

Пример:

Ако инвестирате 1.000 евра во депозит со камата од 3%:

по 1 година → околу 1.030 евра

по 3 години → околу 1.092 евра

Предностите на ваквата инвестиција се нискиот ризик како и тоа дека средствата се осигурени во фондот за осигурување на депозити, а исто така имате стабилен и предвидлив принос. 

Како ризици се издвојуваат ниската заработка како и инфлацијата која може да ја намали реалната вредност на парите или едноставно нема можност за висок профит.

2. Инвестирање во акции

Едноставно кажано, акциите едноставно претставуваат удел во компанија. Во Македонија, акции се купуваат преку брокери на Македонската берза или преку странски берзи. Приносот од акции може да доаѓа од: растот на цената на акцијата и дивиденда (дел од профитот на компанијата).

Истражувањата за пазарот на капитал во Македонија покажуваат дека инвестирањето во акции може да биде атрактивно за мали инвеститори, но ликвидноста и волатилноста на пазарот се релативно ограничени.

Пример:

Ако инвестирате 1.000 евра во акции и просечниот принос е:

5% годишно → 1.050 евра по 1 година

10% годишно → 1.100 евра по 1 година

На подолг рок (5–10 години) приносот може значително да се зголеми.

Како предност на ваквото инвестирање се смета потенцијално повисокиот профит од депозитот, како и можноста за дивиденда и долгорочно зголемување на капиталот. Како ризик од ваквото инвестирање може да се јави падот на цената на акциите, за што е потребно знаење и следење на пазарот. Исто така, во прашање е и ликвидноста на македонската берза која е помала од големите светски пазари

3. Инвестирање во криптовалути

Криптовалутите (како Bitcoin или Ethereum) се дигитални средства кои се тргуваат на глобалните пазари. Во последните години, криптовалутите покажуваат значителни приноси. На пример, во 2025 година, Bitcoin порасна околу 27% во текот на годината, според анализи на финансиски медиуми. Но, истовремено, тие се многу нестабилни и нивната цена може брзо да падне.

Пример:

Ако вложите 1.000 евра во криптовалута:

во добра година → 1.200 – 1.500 евра

во лоша година → може да падне на 600–700 евра

Како предности во ваквото инвестирање, на прво место се споменува потенцијално многу високиот профит, изложеноста на глобален и ликвиден пазар како и лесен пристап преку апликации за инвестирање и информирање. 

Во делот на потенцијалните ризици, исклучително високата волатилност е најзабележителна. Исто така, не треба да се занемари и дека постојат реални можности за големи загуби и крипто измами. На пример, само во 2025 година се украдени околу 17 милијарди долари преку крипто измами.

Сепак не може да дефинираме „најдобра“ инвестиција, бидејќи тоа зависи од ризикот што инвеститорот е подготвен да го прифати. Затоа, финансиските експерти често препорачуваат диверзификација, односно распределба на средствата во повеќе инвестиции (на пример: депозит + акции + мал дел крипто).

Поврзани вести

Препорачано