Штедење или инвестирање? Како граѓаните во Македонија да изградат сигурна пензија

Во време кога економската неизвесност е сè поголема, а демографските трендови покажуваат стареење на населението, прашањето „како да обезбедиме стабилна пензија“ станува сè поважно и за граѓаните во Македонија. Дилемата е помеѓу две крајности: Дали е подобро да се штедат пари во банка или да се инвестира во капитал? Одговорот најчесто лежи во комбинација од двете, но со јасна стратегија која започнува уште во младоста.

Во државава, пензискиот систем се базира на придонеси од тековните работници. Со оглед на миграцијата на млади луѓе и намалувањето на активната работна сила, идните пензии можеби нема да бидат доволни за одржување на истиот животен стандард. Токму поради тоа, финансиските експерти препорачуваат граѓаните да почнат со создавање капитал уште од раните години. Колку порано започне инвестирањето, толку повеќе време има за капиталот да расте преку сложена камата и реинвестирање.

Штедење во банка – сигурност, но ограничен раст

Традиционално, граѓаните во Македонија најмногу се потпираат на банкарски штедни влогови. Оваа опција нуди предности како високо ниво на сигурност, лесен пристап до средствата и низок ризик.

Од друга страна, како недостатоци на вложувањето во банкарските штедни влогови се наведуваат ниските каматни стапки како и тоа што инфлацијата често го намалува реалниот раст на парите. Поинаку кажано, штедењето во банка е добро за финансиска резерва, но не секогаш е доволно за значително зголемување на богатството на долг рок.

Инвестирање во капитал – можност за поголем раст

Сè повеќе млади луѓе во Македонија почнуваат да размислуваат за инвестирање наместо само штедење. Инвестициите, кога е капиталот во прашање, можат да вклучуваат недвижности, акции и инвестициски фондови. 

Предноста на капиталните инвестиции е што тие можат да создадат пасивен приход, што подоцна може да се користи како дополнителна пензија. На пример, купување стан за издавање, вложување во фондови или создавање бизнис може да генерира приходи и по пензионирањето.

Кај младите, отворање на сопствен бизнис, стартап или земјиште е актуелна опција. Јасно е дека ваквиот потфат бара претходно знаење, вештини и способност за водење на бизнисот. Сепак, прашање е колку нашите граѓани се подготвени за еден ваков предизвик во иднина. 

Ако некој започне да инвестира во своите 20-ти или 30-ти години, дури и мали месечни вложувања можат значително да се зголемат во период од 30–40 години.

Подоцна, во пензионерските години, овие инвестиции може да се експлоатираат преку:

  • издавање недвижности
  • дивиденди од акции
  • продажба на капитал со повисока вредност
  • пасивни приходи од бизнис
Како штеди Западна Европа

Во многу западноевропски држави, како Германија, Холандија или Шведска, граѓаните не се потпираат само на државната пензија. Таму е вообичаено да постојат три извори на пензиски приход:

  • Државна пензија
  • Приватни пензиски фондови
  • Лични инвестиции и капитал

Овој модел им овозможува на граѓаните поголема финансиска сигурност во староста.

Штедење или инвестирање – што е подобро

Наместо избор меѓу едното или другото, најдобрата стратегија е баланс. Штедете за итни ситуации но по можност инвестирање за долгорочен раст. Едноставно правило кое го следат многу финансиски советници е дел од приходите да се чуваат како сигурна резерва, додека дел да се инвестира во капитал кој може да расте со годините.

Можеме да заклучиме дека подготовката за пензија не треба да започне неколку години пред пензионирањето, туку уште од првите работни години. Во Македонија, каде што економските услови се менуваат, личното финансиско планирање станува сè поважно. 

Комбинацијата од штедење, паметни инвестиции и долгорочна стратегија може да обезбеди финансиска стабилност и сигурна иднина. Колку порано се започне со градење капитал, толку поголема е шансата пензионерските години да бидат период на стабилност – а не финансиска грижа.

Поврзани вести

Препорачано